Интервју на Кочо Анѓушев, сопственик и раководител на Фероинвест за „Капитал“ 

(објавено 8 март 2013) 
Автор: Дејан Азески

ДА СЕ ПОТРУДИМЕ НИЕ ДА НАПРАВИМЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО СТРАНСТВО, А НЕ ДА ЧЕКАМЕ ДА ДОЈДАТ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ КАЈ НАС!

 

koco_angjushev

 

KOЧO AНЃУШEВ

СОПСТВЕНИК И РАКОВОДИТЕЛ НА ФЕРОИНВЕСТ

Кочо Анѓушев, новиот претседател на Македонската енергетска асоцијација, е оптимист дека либерализацијата на пазарот на струја ќе биде успешно спроведена и ќе ги даде очекуваните резултати. За него приватизацијата на мрежата е грешка, но е непроменлив факт, преку кој може да се помине ако доследно се спроведе нашето законодавство, кое е усогласено со европското. За македонските банки вели дека се доволно ликвидни за да го поддржат секој добар проект, но смета дека сé уште имаме недостиг од такви проекти. Според него, неправедно и необјективно се негираат можностите кои ги нудат малите хидроцентрали, а како искусен бизнисмен, препорачува земјава повеќе да се насочи кон инвестирање во странство, наместо кон чекање странски инвеститори

Сите ние барем по еднаш во животот сме ги обвинувале нашите професори дека се чисти фактографи кои ѝ робуваат на теоријата и дека воопшто не се способни да се снајдат во практиката или во реалниот сектор. Тоа е еден аргумент кој го немаат студентите на редовниот професор од Машинскиот факултет во Скопје, Кочо Анѓушев. Овој машински инженер, кој својата докторска теза ја одбранил во Ахен, Германија на само 29 години, во 1998 година, оттогаш наваму и тоа како ја демантира оваа теза со секој нареден ден. Кочо Анѓушев е редок пример на човек кој теоријата во својата најизворна форма ја применил во практика. Тој денеска е сопственик на групацијата Фероинвест, која во својот состав има неколку од стоте најуспешни компании во Македонија. Работи во повеќе сектори од индустријата, преку трговија со струја на регионално ниво до производство на истата преку системот од мали хидроцентрали кои ги гради низ цела Македонија. Анѓушев себеси се претставува како син на нормални социјалистички родители, кои го воспитале да биде скромен и чесен, карактерни особини кои и ден-денес се јасно изразени и исклучително видливи на неговата појава. Но, нам не ни беше јасно како сета таа социореалистичка идила од неговата младост која ни ја опиша е споива со неговата сé уште пламтечка желба за постојано надградување и себедокажување во бизнисот, а особено во производството. Тогаш ни ја раскажа приказната за неговиот дедо, чие име гордо го носи. Ни ја раскажа приказната за Кочо Анѓушев предвоедниот индустријалец од Велес, за кого не се срами да кажи дека му ја подарил сета животна визија и му го трасирал трнливиот пат до успехот.

“НЕ БЕВ НИ ДОВОЛНО ЗРЕЛ ЗА ДА ЈА РАЗБЕРАМ ПОРАКАТА ОД ДЕДО МИ“

„Дедо ми Кочо Анѓушев бил предвоен индустријалец уште во кралевска Југославија. За време на социјализмот му одзеле сé, како и фабриката Киро Кучук, која лично ја изградил. За да се издржува, тој работел малку како фотограф, а потоа како книговодител. Најважни ми се деновите од детството поминати со него. Често ми ги раскажуваше сите настани како е создадена таа негова предвоена фабрика. Значи, уште како дете слушав за акционерски друштва, за партнества, за производства. Мислам дека тоа во мене создаде еден сон и желба да морам да го остварам. Во тој момент конкретно тоа беше тешко изводливо, прво затоа што беше друг систем, а второ затоа што јас бев студент. Дедо ми беше жив до 1996 година и за време на една моја викенд-посета на Велес имавме навистина сериозен разговор. Некако ги запомнав тие зборови до ден-денес и колку повеќе време поминува сé повеќе има вистина и суштина во нив. Интересно е што зборуваме за период во кој многу тешко беа видливи работите, а тој на 81 година гледаше 20 години нанапред. На тој клучен разговор ми најави дека во наредните десетина години се ќе се смени, одново ќе се дели капиталот. Македонија ми ја претстави како празен лист, рече дека треба да се најдат смели луѓе да пишуваат за кои ќе има место да се пишува со големи букви. Најави дека за 20 години ќе настане нова прераспределба на капиталот и најави дека ова се случува на 200 години и не смее да се пропушти. Ме насочи да не трошам енергија да се борам за одземеното во национализацијата, туку да се борам за да создадам нова фабрика. Неговите зборови беа дека фабрика се прави тешко и лесно. Тешко ако не сакаш да ја направиш и лесно ако сакаш да ја направиш. Тогаш не бев ни доволно зрел за да ја разберам пораката од дедо ми. Неговите предвидувања навистина се остварија. Значи, сонот ми беше наследен од дедо ми и тоа ми беше водилка“, вели Анѓушев.

Сега знаеме на што или поточно на кого му ја должите вашата визија. Но, сепак, таа треба и да се оствари. Која е тајната на успехот на Кочо Анѓушев?

Единственото нешто што треба да го води човек во тоа што го работи е да биде посветен на работите. Посветеноста е таа што доведува до резултат. Ако единствен мотив во работата е некоја материјална добивка, без да има човек идеја и без да сака да постигне нешто, веројатно со тек на време ќе се замори. За да фатам каков било приклучок со процесите кои ми ги најавуваше дедо ми, сфатив дека факултетските работи мора да ги завршам брзо. Брзо магистрирав, брзо докторирав, во 1992 година завршив, во 1995 година магистрирав, 1998 година докторирав. Докторатот го правев во Ахен во Германија на тема динамика на машини. Бев добар студент, завршив со 9,60. Искрено, не се мачев многу, туку машинството како да ми беше некако во генот. Ги завршував во јуни испитите и секое лето работев како автомеханичар. Тоа кај мене даде подлога за инженерското знаење, бидејќи во автомобилот има и мотор и електрика и динамика и сé останато. За еден студент на техника тоа беше една голема практика, а и извор на некаква заработка, бидејќи ми требаа пари за студирањето. Веќе во 1992 година моите родители останаа стечајни работници. Практично, семејството остана само на пензијата на дедо ми и на мојата асистентска плата. Интересно е што јас бев стипендист на Брако, на кој денеска сум сопственик, иако во тој момент тоа не сум го ни сонувал.

Првичната идеја ми беше да се вратам во Велес и да работам во Брако, бидејќи многу сакав да сум во производство. Дури и одбив понуда од еден професор на Машинскиот факултет за да му бидам асистент. Повторно беше пресудно мислењето на дедо ми, кој рече дека доколку сум на факултет, ќе ја имам можноста да се запознаам и да работам со сета индустрија, а во Брако ќе останам ограничен само на внатрешното производство. На факултет докторирав уште од 1998 година, кога ме избраа за доцент и сега веќе сум редовен професор на Машински факултет. Мора да признаам дека сета таа приказна за индустријата ја имав заборавено сé до моето докторирање, бидејќи сметав дека ако го правите и едното и другото, нема да ги правите квалитетно. Единствено искуство со стопанството во тој период ми беше во рамките на факултетот, каде што имавме соработка со компаниите. Имам учествувано во ремонти на РЕК Битола, Мавровски електрани, ОКТА. Тоа ми донесе големо искуство конкретно за индустријата, бидејќи имав учествувано во решавањето на секој можен проблем во компаниите во тој период. Тогаш и ги запознав луѓето коишто раководеа со тие комапнии. Во 1999 година бев визитинг-професор во Ланборо на покана на рускиот академик Владимир Бабитски, кој е познат по тоа што ја измисли теоријата на виброударни системи. Додека бев таму ми дојде понуда од генералниот директор на ЕСМ, Горан Рафајловски, мој колега од факултет, за местото технички директор во целото Електростопанство. Во прв момент не прифатив и повторно семејството беше тоа кое ме премисли. Сопругата со децата не сакаше да дојде во Англија да живее и веројатно таа да попуштеше, јас денеска ќе завршев како професор во Англија.

Во Англија се смени и мојата перцепција за тамошните услови во коишто живеат професорите. Иако висината на професорската плата оттука ми изгледаше многу голема, кога отидов таму сфатив дека еден професор таму може да обезбеди само пристоен среден живот без поголемо богатство. Во ЕСМ бев три години. Од февруари 1999 година до декември 2002 година. Во тие години јас имав функција помошник на генералниот директор за производство и управување. Производство беше тоа што денеска е ЕЛЕМ, а управување тоа што е денеска МЕПСО. Јас во таа позиција бев одговорен за ЕЛЕМ и за МЕПСО заедно. Дефинитивно, тоа за мене беше многу големо искуство. Јас и претходно технички ги знаев ремонтите, но сега влегов во систем со 6.000 луѓе. Научив многу и за управувањето со луѓе, за техничките процеси за поставеност на енергетските системи и нивната поврзаност меѓусебе. Во тој момент бев член на управниот одбор на УЦТ, Здруженото електростопанство на Европа, во кое се формираа и се правеа законите. Ова за што зборуваме денеска - либерализација на пазарот и обновливи извори на енергија - го научив таму. Во Македонија во тој момент никој не веруваше дека тие ќе се остварат. Македонија конкретно, функционира обратно од сите физички стандарди.

Иако сме многу мали, а по дефиниција масата или големината е таа што е инертна и ние сме уште поинертни како мали. Значи, наместо да ја искористиме таа предност што сме мали за да сме пофлексибилни, ние како средина сме многу инертни. Од сево ова, ако треба да ставам една линија што е тоа што ме водело во животот, тоа е сонот. Ова денеска што се случува со мене е комбинација од разни работи. Семејно влијание, генетска предиспозиција, лична желба, сон. Ништо не може да се постигне во животот ако немате сон, односно амбиција за да го постигнете тоа. Во социјализмот беше незамисливо сам човек да направи фабрика и да вработува други. Меѓутоа, зборовите на дедо ми дека правењето фабрика не е ништо посебно, туку само резултат на посветеност, желба и концепт да се направи е базата врз која настана фабриката.

“БЕВ БЛЕСАВО ЛУД ИЛИ ЛУДО СРЕЌЕН“

Јавноста велешки Брако од пред само една деценија го памети како пропадната безнадежна компанија, налик на многу слични на неа кои се раскрчмија во последните две децении. Како дојде до тоа Брако денеска да претставува регионален гигант со лепеза од различни производни програми?

Кога излегов од ЕСМ, работев со ЕФТ, но тоа беше фирма која не беше моја. Јас секогаш сакав да направам нешто мое. Во Велес не остана ништо друго за купување освен Брако. Брако беше грдото пајче на велешката индустрија. Иако беше познато во споредба со Маслодајна, Порцеланка, Киро Чучук, беше многу помало. Брако за време на девет години во стечај никој не го ни погледна. Компанијата имаше земено кредит од Стопанска банка и случајот се отвори кога државата зеде обврска да го исчисти портфолиото на банката пред продажбата. Се формираше агенција за санација на банки, која го продаваше Брако со дисконт од 97%, за 270.000 евра, и на седум последователни тендери никој не се јави. Кога дома кажав дека сакам со партнер да ја купам Брако и за тоа да го заложам станот, домашните сериозно ми се спротивставија. Татко ми дури ми рече дека сум лудо дете и дека треба повеќе да гледам телевизија и да видам што им се случува на Тане и на Целе при преземањето на Лозар Пелистерка. Тој случај беше актуелен во конкретниот момент. Од овој аспект гледано, навистина правев лудост, баш како што рече татко ми. Но, желбата за сопствена фабрика ми беше толку голема што свесен за ризикот влегов во подвигот.

Секогаш го споредував бизнисот со фудбалски натпревар на кој јас не сакав да седам на трибина, туку да постигнувам голови. Јас сум свесен дека човек може да е задоволен и со таков начин на живот, но ако веќе влегуваш на терен, треба да си подготвен и да погинеш. Со сегашните познавања на стопанството, сфаќам дека јас во тој момент сум бил „блесаво“ луд или лудо среќен. Од овој аспект гледано, не би презел ни 10% од ризиците коишто сум ги презел. Во Брако по девет години стечај затекнав буквална зона на самракот. Во салата за состаноци имаше пајажини од горе до долу, гуштери шетаат по ходниците. Секој што можел да украде или да однесе нешто од фабриката однел. Јас во фабриката најдов 56 стечајни работници кои седеле неколку години без плата. Буквално беа останати само тие што немале каде да одат. Од 56 вработени, имав десет луѓе со решение пожарникар, пет чувари, неколку „кафе-куварки“ и буквално ништо што може да се искористи во производствениот процес. Ние одлучивме дека нешто што најбрзо може да се закрепне е жичената програма. Брако почна месечно со 200 тони жичени производи. Никој не ни веруваше и не не сфаќаше сериозно. Ниту банките, ниту партнерите. Јас лично секој ден бев во фабрика во работнички алишта за да можам да ги убедам луѓето да доаѓаат на работа. Од машините беа останати само костури. Сé што можеше да се извади беше извадено.

Првите шест месеци буквално не сум спиел. Морав да висам над секој работник за да бидам сигурен дека си ја работат работата. Луѓето по толку години беа изневерени и единствено веруваа дека секој кој дошол во фабриката е тука за да украде и да избега. Прв пат Тутунска банка го забележа нашиот капацитет и ни даде кредит во висина од 700.000 евра како обртен капитал. Тука е пресечната точка каде што пропадна најголем дел од македонското стопанство. Многу бизнисмени ако купат фабрика за 300.000 евра и успеат да ја заложат во банка за 700.000 евра, веднаш ќе го повлечат остатокот од 400.000 евра и ќе ја остават фабриката во стечај. Сепак, прашањето е до менталниот склоп, односно кој е твојот мотив што си тука. Сите пари коишто ги зедовме ги реинвестиравме. Со години од компанијата не извадивме ниту еден денар. Во тој момент се случува за жичениот производ да нема никаква конкуренција во Југоисточна Европа. Жити Русе, којашто беше во моментот најголема фабрика во Бугарија пропаѓа. Таа го снабдуваше целиот регион. Милан Футок во Југославија исто така беше купена од грчка компанија и тие ништо не работеа. Во тој период Брако почна да расте. Градежништвото растеше, а конкуренцијата пропаѓаше. Денеска многу потешко би одело тоа. Искрено, денеска да стартуваме, би пропаднале за 24 часа. Со мојот партнер од Велес, Васил Шалев, десет години немаме никаков проблем и имав огромна подршка. Тој беше доволно коректен да ми го препушти раководењето мене, а дивидендата и заработката да ги делиме по претходен договор.

Сопственик сте и на производствен капацитет во Панчево, соседна Србија. Како се одлучивте на таков потег? Дали можеби Србија е подобро место за инвестирање од Македонија?

Како што веќе растеше Брако, почнавме да го чувствуваме проблемот со транспортот. Ние во Македонија немаме евтин транспорт, а сите наши конкуренти беа на Дунав. Мојата загуба беше транспортот. Јас имав од пристаниште до Велес 25 евра трошок по тон. Значи, губев 5% од производот, кои всушност, се и профит. Почнав да барам локалитет на Дунав. Некако дојдов до информации дека може да се купи хала во УТВА во Панчево, некогашната стара воена индустрија каде што се изработуваше авионот „галеб 4“. Мојот дел конкретно кој го купив го продаваат самите работници, кои сé уште беа со социјалстички менталитет и одеше многу тешко. Вообичаено, луѓето се плашат од такви ситуации и бегаат, но јас успеав да го искористам како предност. Сé беше руинирано, но јас видов дека има потенцијал. Халата се продаде за 56 евра за метар квадратен. Огромна грешка е што во тој момент силните фирми во Македонија не ја искористија можноста за да купат поголем имот во Србија, која буквално се распродаваше. Халата којашто јас ја купив со 10.000 м2 е на 500 метри од пристаниште. Тогаш беше шансата кога Македонија можеше да искористи. Иако фабриките беа руинирани, инфраструктурата и предиспозициите на Србија беа тука. Тогаш македонското стопанство требаше да ја препознае таа шанса.

Мојот став е дека ние битката не треба да ја водиме внатре, мора да сме извозно ориентирани. За домашен пазар исплатливо е да се произведува само леб, млеко и слични производи. Во сите други големи индустрии мора првенствено да се ориентираш кон извоз. Сите тешки производи не трпат голем транспорт и треба да се дислоцира производството на повеќе места. Во Панчево денес имаме наш док на Дунав, а халите ни станаа магацин за препраќање на стоката од Велес. Следен чекор ми беше инвестирање во поинтелигентно производство со поголема додадена вредност и кое не е толку осетливо на транспорт. Тогаш ја искористив мојата позиција на факултет и успеав да соберам многу млади инженери. Првата производствена линија од таков тип ја направивме со ТВХ фирма од Белгија, којашто прави опрема за вилушкари. Прво почнавме со соработка од околу 100.000 евра, но бевме агресивни и успеавме да се пробиеме. На почеток навистина беше тешко. На запад Македонија не ја препознаваат. Нив целиот свет им е производство, целиот свет им е пазар. Не треба да се занесуваме дека само Македонија има евтина работна сила. Сите источноевропски земји имаат и поевтина работна рака од Македонија, плус имаат поголем пазар. Значи, за да се пробиеш, мора да му оставиш впечаток, дека тој ќе го добие за евтини пари тоа што го бара и дека истото ќе биде квалитетно. Тој мора да препознае континуиран квалитет и прецизност во испораките.

Ние зедовме еден по еден нивни производи. Потоа ја видов потребата од медицински мебел во Македонија. Брако и порано имал некои обиди за ваква програма во производството и решив одново да го развивам. Многу брзо видов дека ако ние се развиваме локално, не можеме да направиме големо производство, ниту голем профит. Затоа, решив да се врзам со некој светски бренд кој е веќе пробиен на пазарот. Конечно најдов мала подотворена врата на разбирање кај шведската компанија Хендикеар ромедик. Јас сфатив дека ако ние сакаме да ги натераме тие да дојдат кај нас, треба да им понудиме нешто подобро. Мааната на секој кинески производ е што мора да патува два месеци со брод до Европа. Ние им понудивме релативно ниски цени и пофлексибилни услови од кинеските. Буквално, ветував и тоа што не бев сигурен дека можеме да го исполнеме. Стекнуваа сé повеќе и повеќе доверба за да дојдеме до ситуација во 2009 година да откупиме една цела нивна фабрика од Данска. Конкретно, преселивме 24 шлепери машини.

Сето тоа успеаја да го направат 60-ина млади инженери меѓу 23 и 30 години кои работат во оваа зграда. Тоа е доказ дека Македонија има успешни деца на кои треба да им се даде шанса. Сега во моментов преземаме втора нивна фабрика од Холандија. Влеговме во соработка и со италијанската фирма за камиони за чистење улици Био страда и целокупната метална конструкција им ја произведуваме ние. Потоа, работиме телекомуникациски контејнери. Целокупната мобилна телефонија на Косово е направена од Брако. Тоа е проект финансиран од ЕБРД, за кој беа заинтересирани компании од 17 земји, а го добивме ние и го имплементиравме шест месеци предвреме. Целиот проект опфаќаше 200 базни станици вредеше и околу шест милиони евра. Сега кога се засили конкуренцијата во жичената програма ние воведуваме нови производи кои ги нема во регионот и треба да се увезуваат.

Брако направи два технолошки чекори во техничкиот дел. Добивме 1,5 милиони евра грант за да ги купиме најновите машини. Тоа беше прогласено за најдобро финансиран проект од холандската влада и јас бев на доделувања на наградата кај холандската кралица Беатрис. Вториот технолошки чекор беше минатата година, кога купивме комплетно нови машини со комплетно нови наши средства. Во меѓувреме воведовме три нови производи. Првиот е производ за CO2 побакарена жица за заварување челични конструкци којашто ние ја увезувавме, а сега си ја произведуваме за наши потреби и за целиот регион. Конкуренција ни се грчка, турска и словенечка фирма, од кои сме поконкурентни и по цена и по квалитет и ги тепаме на пазарот. Втората програма која многу се продава се пружини за мебел. Само Симпо Врање увезува шест шлепери месечно таква жица. Исто така, и македонските производители на мебел трошат многу жица, што значи до 1.000 килограми годишно. Воведовме и гајбарска жица за спојување на штичките на гајбите, која исто така се продава во големи количини.

“МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ СЕ ПОЕВТИНИ ОД ГОЛЕМИТЕ И ВО ДЕЛОТ НА ГРАДБАТА И ВО ДЕЛОТ НА ПРОИЗВОДСТВОТО“

Пионер сте во изградбата на мали хидроелектрани низ земјава. За поголемиот дел од бизнисмените тоа е непознат терен, на кој тешко се одлучуваат да се испробаат. Дури и дел од експертите се скептични во врска со исплатливоста на овие проекти. Какво е вашето искуство досега?

Што се однесува до енергетскиот сектор, ние како Македонија треба да ги искористиме потенцијалите за производство на енергија колку што можеме повеќе за да имаме сопствена енергија. За жал, ние не сме богата земја со енергетски ресурси, значи немаме ресурси коишто можат да ни обезбедат долгорочно стабилна иднина. Она што го имаме е јагленот, кој во голем дел е исцрпен, и хидропотенцијалот. Во хидропотенцијалот имаме големи хидроелектрани кои, секако, се добри проекти, но не треба да се занемаруваат и малите хидроелектрани. Сакам да потенцирам дека во последно време се прави фама околу тоа дали хидроелектраните се добри или лоши. Пред сé, ние треба да внимаваме со што ги споредуваме за да бидат лоши. Дали тие даваат струја која е поевтина од увозната струја? Не, тие даваат поскапа струја од увозната. Но, кои се нашите проекти што ги имаме во државава? Тоа се големите хидроелектрани и малите хидроелектрани. Ајде да ги споредиме меѓусебе и ќе заклучиме дека станува збор за многу исплатлив проект.

Во иднина би требало повеќе да се искористи потенцијалот на малите хидроцентрали, бидејќи тие се поевтини од големите и во делот на производството на електрична енергија и во делот на изградбата. Колку за споредба, би истакнал еден пример за да го доловам ова мое тврдење. ХЕЦ Света Петка и Козјак, кои секако се позитивни проекти, ја чинеа државава околу 300 милиони евра, а притоа беа финансирани однадвор, што значи дека државата мораше да даде одредени гаранции. Истовремено, моравме да ангажираме странски фирми, бидејќи тие ги исполнуваат условите предвидени со тендерите, поради што нашите фирми беа само подизведувачи. Главниот профит од градбата го зедоа странските фирми. Притоа, државата даваше гаранција за цената на струјата меѓу 120 и 150 евра за мегават-час. Значи, ние сега добиваме од ЕЛЕМ струја што чини 38 евра за мегават-час, но тоа е затоа што РЕК Битола произведува големо количество енергија по 31 евро, па просекот е оној што се смета за крајна цена. Де факто, ние таа цена од 150 евра ја плаќаме од големите извори на енергија, електроцентралите. Малите хидроцентрали се целосно спротивен процес.

Прво, тие се приватни инвестиции. Државата не дава никакви гаранции за нивна изградба, туку напротив, за нив таа зема надомест за концесии. Од оние 60 мали хидроцентрали што се доделени, државата има земено околу 15 милиони евра за издадени концесии. Истовремено, тие произвеле електрична енергија по просечна цена од 80 евра за мегават-час. Од сево ова, кога ќе ги споредите двата проекти, може да видите дека во случајот со малите хидроцентрали нема странски фирми коишто ни ја земаат работата, бидејќи нема странско финансирање, па домашните фирми целосно ги градат и ги изведуваат овие капацитети. Вакви 100 мали хидроцентрали произведуваат енергија колку Света Петка и Козјак заедно. Секако, ова не е решение за енергетската криза во Македонија, но ни оддалеку не треба да се занемарува. Во случајот со малите хидроцентрали, целиот материјал што се користи за нив е македонски производ, од челик до полиестер, голем деaл од електромашинската опрема го правиме сами, а и сите фирми што учествуваат во нивното реализирање се домашни. Ова значи дека околу 70% од вредноста на објектот остануваат во Македонија. Поради тоа што јагленот на наша територија е при крај со резервите, ќе се доведеме во состојба да мораме да го увезуваме ако сакаме да ни работат електроцентралите на јаглен или пак, да го прифатиме во иднина гасот како извор на енергија.

Тука пак, се поставува прашањето дали е подобро да увезувате струја или пак, гас. Би рекол дека најдобра варијанта е да се увезува гасот за да се супституира струјата која ја трошиме за греење, а не да се увезува гас за да се прави струја. Ние во Брако, на пример, ги условивме странските фирми коишто беа испорачатели на опрема добар дел од таа опрема да се произведе во Македонија. Комплетно градежните работи се градежни работи кои ги работат директно македонските фирми. На пример, кога се градеше Света Петка изведувач на работите беше словенечката фирма Рико. Зошто? Затоа што имаше меѓународен тендер и македонските фирми не ги задоволуваа условите. А што направи Рико, го направи само инженерингот. Рико не донесе ниту една машина, пак Бетон и Гранит ги завршија работите. А парите главно ги зедоа Рико. А тука во малите хидроцентрали ние инвестираме, ние одбираме кои фирми ќе работат и логично е да работат македонски фирми. Мене сите електрани ми ги изгради Гранит и нешто малку Делта пром од Велес. Значи, парите останаа во Гранит. Градежните работи во една електрана се околу 60% и околу 10% до 20% од опремата беше произведена во Македонија во Велес, Струга и во Штип.

Сите челични конструкции беа направени во Македонија, единствено ги купивме само турбината, генераторот и електрониката, што значи парите останаа во Македонија. Често повторувам, бидејќи треба да е јасно дека кога зборуваме за мали хидроелектрани, само зборот мали е мал збор, сé останато е големо. Тука би го потенцирал моментот дека државата дава банкарски гаранции, а луѓето плаќаат концесиски надоместоци. Тука работат странски фирми, а тука работат и македонски фирми. Тука државата се задолжува и зема кредит, а кај малите централи државата не се задолжува, туку приватни фирми се задолжуваат. Тука цената на струјата е 150 евра, тука цената на струјата е 80 евра и оваа количина на струја од 100 електрани е иста како и оваа струја. Тогаш зошто да не? Зошто да не градиме мали електрани? Јас не викам да не се прават и овие, тие големите се корисни проекти и јас ги ценам како корисни проекти, но ова дефинитивно треба да се направи.

Дали е проблем во Македонија да се изгради мала хидроцентрала?

Покрај тоа што е секој убав процес на крајот кога ќе заврши градењето електрани, тука има и сериозни градежни зафати и од таа причина, гледајќи дека не може тоа да се направи без да се биде следен од сериозна градежна оператива, ние направивме стратешко партнерство со Гранит и би сакал да го пофалам Гранит во тој дел. Во осум од четиринаесет електрани коишто ги имам ние сме партнери со Гранит 50%-50% и компанијата даде голем придонес тие да бидат брзо и навреме изградени. Без партнерството со Гранит, ние најверојатно немаше вака брзо да го реализираме овој проект. Ние ја имавме стручноста, идејата, техниката, а Гранит го имаше градежниот дел. Апсолутно во Македонија има и градежни фирми и млади инженери и стручен кадар кој тоа може да го направи, па еве впрочем, јас тоа и го направив со овие луѓе, немаше други. Изградив 14 хидроцентрали.

Дали би инвестирале во другите алтернативни извори на енергија?

Не работам со другите алтернативни извори на енергија, бидејќи тие се со висока бенефицирана цена, да речеме тие треба да имаат висока бенефицирана цена за да се исплати. Кај малите хидроелектрани имаме многу блиска цена до пазарната и јас сум се определил за хидроенергијата, којашто е најтешка да се направи. Секоја електрана е друг проект, различен. Треба да се копаат цевководи, работа во планина, турбина, па на самото место. Конкретно во Охрид го искористивме градскиот водовод и природниот пад на водата. Само ги сменивме цевките, ставивме нови цевководи, затоа што требаше да бидат под притисок. Сега таму каде што течеше вода залудно се произведува струја која може да снабдува еден цел дел од Охрид. Сите тие електрани во моментов прават осум мегавати, а со тоа се снабдуваат два помали града во Македонија.

Кочо Анѓушев повеќе не е директор на претставништвото на мултинационалната компанија за тргување со енергија ЕФТ. Кои се причините за тоа и дали е поврзано со вашата новоформирана компанија со слична дејност, ЕДС?

Јас ја водев ЕФТ Македонија десет години. Групацијата ЕФТ е групација којашто работи во повеќе држави и тие не беа веќе заинтересирани подлабоко да навлегуваат во либерализацијата на пазарот, односно во формирање на балансните групи. Балансните групи се заштитен механизам за високите пенали на компаниите. Тие се корисни и за системот и за МЕПСО. Значи, нема да се префрли целиот товар на МЕПСО, туку балансната група ќе се обиде сама меѓусебе да се балансира колку што е можно и на тој начин ќе му помогне на системот да не биде премногу оптоварен, а ќе им помогне на компаниите да не плаќаат големи пенали. Всушност, тоа е и законската регулатива којашто ја наметнува Европа за да не биде сé на товар на компаниите, а да не трпи системот. ЕДС се формираше со цел да формира таква балансна група која ќе ја снабдува индустријата со енергија.

Енерџи деливери солушн, како што е полното име на новата компанија, ќе ги снабдува со енергија компаниите во Македонија, но веќе годинава се етаблира и регионално ги добивме лиценците во сите соседни земји и ЕДС веќе ги направи првите договори со големите фирми. Во моментов веќе снабдуваме шест од големите компании во земјава. Од вкупно 180 мегавати енергија, ние снабдуваме 140. Ние го презедовме пазарот на ЕФТ во договор со нив, но во иднина планираме да прераснеме во самостојна компанија. Нормално дека не е во ред јас да бидам управител на две трговски компании и затоа одлучив мирно во договор со ЕФТ да го напуштам местото за да си се посветам на управувањето на мојата лична компанија. Иако ЕДС е формирана во ноември, за годинава веќе имаме 80 милиони евра договор. До крајот на 2013 година ќе биде регионална компанија за тргување со електрична енергија во сите земји на Балканот. Тоа ќе биде прв пример македонска енергетска компанија да биде присутна надвор од земјава. По обем ЕФТ ќе биде најголем бизнис на Фероинвест, иако централите се многу покомплицирани.„

“НЕМА ДА ИМАМЕ ПРОБЛЕМ СО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА НА ПАЗАРОТ НА ЕНЕРГИЈА АКО ДОСЛОВНО ГИ ПРИМЕНИМЕ ЕВРОПСКИТЕ ЗАКОНИ“

Неодамна бевте избран за претседател на Македонската енергетска асоцијација - МЕА. На оваа позиција доаѓате во критичен момент, неколку месеци пред почетокот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Точно што очекувате? Дали македонските институции и компании имаат капацитет да го спроведат докрај овој процес?

МЕА (Македонската енергетска асоцијација) е една од најголемите групации при Стопанската комора на Македонија. Покрај енергетските компании, тука се и металуршките компании, кои се зависни од енергијата и голем чинител во нивното работење е електричната енергија. Енергијата е крвотокот на економијата на секоја држава и без енергетска стабилност и подолгорочна енергетска проекција, ниедна економија не може да се развива. МЕА нема извршна функција, но ќе биде набљудувач или платформа каде што сите тие компании ќе можат да го артикулираат нивниот интерес во делот на енергетиката и ќе можат подоцна да се обратат до институциите на државата кои ја третираат оваа проблематика. Тоа се Министерството за економија, Регулаторната комисија и секако, Владата во целина. Следниот период ќе биде доста динамичен, бидејќи следува следниот чекор на либерализација на пазарот не само на електрична енергија, исто и на пазарот на гас. Пазарот за електрична енергија треба да биде либерализиран за 146 компании, но тоа се пролонгира поради подобри подготовки до 1 јули.

За да биде направено тоа, сите чинители треба да учествуваат и да дадат придонес. А тоа пред сé, е Регулаторната комисија за енергетика, од која најмногу се очекува. ЕВН треба да биде платформата на овој процес, бидејќи броилата се во нивна сопственост. И нормално, компаниите кои треба да си го видат бенефитот од тој процес, односно да бидат информирани до каде е тој процес и што се случува со истиот. МЕА веќе има закажано за 5 март прв состанок, каде што ќе го презентираме моделот за либерализација на пазарот пред компаниите за тие од 1 јуни да не бидат изненадени, за да имаат време да се подготват за таа работа. Ќе се обидеме преку Стопанската комора да го олесниме тој процес за да ги подготвиме компаниите и од овој процес да извлечат што поголем бенифит. Таму ќе се обидеме да направиме една група компании кои ќе бидат поприсутни и подиректно ќе можат да одлучуваат за работите. За таа намена, во рамките на МЕА ќе формираме еден вид координациско тело составено од потпретседатели од ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН и од металуршки компании и на тој начин да бидеме ефикасни во работењето. Ќе ги следиме сите случувања во енергетиката во Македонија, пред сé енергетскиот биланс, носењето на законската регулатива и сл.

Ако веќе се тргнало во тој правец, Законот за либерализација треба да се спроведе докрај и да се почитува Законот за енергетика. Во приватизацијата најверојатно е направена грешка што е приватизирана и мрежата на дистрибуција, како што се приватизираше и мрежата во Телеком. Меѓутоа, тоа веќе е завршена работа, ние за тоа не можеме да зборуваме, треба само да се испочитуваат законите, дистрибуцијата да се подели на дистрибуција, мрежа и снабдување. Мрежата треба да си има своја цена, така кажува и законот. Регулаторната комисија таа цена да ја пропише и на тој начин пазарот за електрична енергија да го долиберализира пазарот. Доколку се има волја тоа да се направи, јас сум оптимист дека целиот процес ќе се одвива во најдобар ред. И што е најважно, таквата работа треба да ја намали цената на електричната енергија за индустријата доколку се направи на начин што е регуларен и коректен. А тоа ќе зависи во голема мера од дистрибутивната такса која допрва треба да ја одреди Регулаторната комисија и доколку ја одреди коректно, тогаш таа би требало да биде во прилог на намалување на цената на електричната енергија за стопанството.

Сметам дека доколку се применува избалансираното европско законодавство, нема да има никаков проблем, само што треба да бидеме доследни во примената на законот. Фирмите брзо ќе се подготват. Сопственоста на мрежата се решава, а клучот на решението е во Регулаторната комисија за енергетика. Доколку таа добро ги процени трошоците за мрежата, тогаш ќе се направи фер цена за користење на истата и со самото тоа ќе се отвори простор за либерализација на пазарот. Мислам дека Регулаторната комисија има и капацитет и знаење за тоа да го регулира добро. Не треба да се плашиме од тој процес, кој би требало да направи бенефит на овие компании. Со либерализацијата, цената би требало да дојде поблиску до пазарната цена на електричната енергија, која со оглед на тоа дека во моментов е намалена генерално, би требало да се снижи.

“НЕ НЕДОСТИГААТ СРЕДСТВА ВО БАНКИТЕ, ТУКУ ДОБРИ ПРОЕКТИ КАЈ БИЗНИСМЕНИТЕ“

Единствената точка околу која целосно се обединуваат македонските бизнисмени е омразата кон македонските банкари. Тие за нив се нефлексибилни бирократи кои немаат визија и разбирање за иднината на компаниите. Какво е вашето мислење и искуство по ова прашање?

Како групација, Фероинвест нема никакви тешкотии досега за обезбедување на финансирањето. Капиталот го оставаме внатре во фирмата, не го изнесуваме како дел од нашите колеги, што на банката и дава дополнителна сигурност. Практично, банката треба да види дека во компанијата има искрен партнер со искрени намери во бизнисот. Секогаш парите кои се дадени во Фероинвест се наменски употребени. Работиме со сите комерцијални банки во Македонија, а во делот на хидроцентралите работиме директно со ЕБРД, која ја финансира нивната изградба. Таму имаме составено конзорциум со Гранит и заеднички имаме навистина одлична соработка со банките. Секогаш кога било потребно досега македонските банкари ни излегле во пресрет.

Иако ние се обидуваме да бидеме конзервативни инвеститори и да не преземаме нерационални ризици. Мислам дека прашањето треба да се сврти поинаку и да им се овозможи на македонските банкари да препознаат добри проекти. Во Македонија во моментов има недостиг од добри проекти, не од добри пари. Доколку вие приложите соодветен проект во банката и доколку е поткрепен врз база на реални показатели, банките имаат доволно ликвидност да го поддржат. Во Македонија, во моментов ,нема доволно проекти и идеи, а не доволно пари. Лошо е што главно, кредитите се земаат за репрограми за затворање стари долгови. Таквите кредити банките не ги сакаат баш многу и затоа се создава таква слика. Но, за она што е издржано секогаш се даваат кредити.

Накратко, што би сакал Кочо Анѓушев да ѝ порача на јавноста?

За крај, сакам да порачам дека треба да веруваме дека Македонија може да направи економија. Треба да имаме поагресивен пристап не внатре, туку надвор од државата. Ние треба да се потрудиме да направиме инвестиции во странство, а не да чекаме да дојдат странски инвестиции во Македонија. Јас тој процес со странските инвестиции не го сметам за негативен, но пазарот се освојува со присуство, македонските компании треба да бидат присутни надвор и мислам дека добро е да се случи тоа.

НАЈДЕТЕ НЕ НА КАРТАТА

ДПТУ БРАКО ДОО - Раштански Пат бр.2, Велес
тел.: 043212560, факс: 043232534
office@brako.com.mk