Интервју на Кочо Анѓушев за „Капитал“(објавено 18 април 2012)

Автор: Биљана Здравковска–Стојчевска

ВО БРАКО ГО РЕАЛИЗИРАВ МОЈОТ СОН ЗА УСПЕШНА ФАБРИКА


КОЧО АНЃУШЕВ

- сопственик и претседател на Бордот на директори на Брако.

Името на Кочо Анѓушев во јавноста обично се поврзува со бизнисот со трговија со струја и компанијата ЕФТ која е најголем увозник на струја во Македонија. Многу помалку луѓе Ве поврзуваат со Брако, компанијата која со години наназад е меѓу најголемите извозници во Македонија. Во кои сè бизниси сте вклучени?

Не можам јас самиот да кажам каква е перцепцијата на јавноста за мене. Она што јас можам да го кажам за моето досегашно работење е дека сум исклучително горд на активирањето и развојот на фабриката Брако. За споредба, од 2003 година кога ја купивме фабриката Брако како фабрика во стечај, која тогаш беше во една поприлично лоша состојба, со 80 стечајни работници, денеска Брако е фабрика којашто има вработено околу 420 вработени, 93% од производството е за извоз, со повеќе од 20 милиони евра приходи, со повеќе области на производство од кои многу се апсолутно нови и развиени од нула. И ако Брако од поранешна Југославија беше позната по производство на приколки, денеска приколките ги произведуваме сосема малку, само 50–ина годишно, што е помалку од 1% од производството. Откако ја презедовме фабриката Брако се фокусиравме на развој на жичаниот програм. Во напорите да ги оптимизираме трошоците во производството, а посебно во транспортот, сфативме дека мораме да се позиционираме на место каде што ќе имаме поевтин транспорт и со самото тоа и поконкурентен пристап до другите пазари. За таа цел одлучивме да отвориме фабрика и во Србија. Во 2005 година во процесот на приватизација успеавме да купиме две хали од поранешната воена индустрија на Југославија, поточно халите каде што некогаш се склопуваше авионот Галеб 4. Тие денеска се во 100% сопственост на Брако, што секако е меѓу ретките примери на македонски фирми да поседуваат фабрики надвор.

Дали од денешен аспект тоа беше добар потег?

Да, поради тоа што купувањето објекти во Србија во тој период беше многу поволно, а второ затоа што со овој потег успеавме да се зацврстиме и да настапиме на сите пазари северно од Панчево. Јас многу сликовито ќе се обидам да ви објаснам. Станува збор за големи количини на железо, не помали од 1.500 тона месечно и таа суровина во големи количини доаѓа со бродови од Русија, Украина или од Зеница. Таа суровина требаше да се донесе до Македонија, а потоа готовите производи од Македонија да се враќаат назад на странските извозни пазари. Тоа е многу долг и скап транспорт кој извозот го прави неконкурентен и ја подјадува маржата. Затоа во тој момент проценивме дека е најдобро да се отвори фабрика во Панчево, што беше добра проценка која ни овозможи да се носиме со конкуренцијата и да растеме. Па така денес слободно можам да кажам дека Брако е најголем производител на жичани производи во Југоисточна Европа или во Западен Балкан. Конкуренција секако имаме, но засега успеваме многу успешно да се бориме со неа.

Од грдо пајче Брако го претвориме во голем индустриски капацитет

 

Во делот на производството на Брако посебно сум горд што успеавме од една фабрика што беше руина и во која никој не веруваше, да изградиме фабрика која ќе биде меѓу најголемите извозници во Македонија. Гордост ни е што едно такво индустриско грдо пајче денеска е најдобар индустриски капацитет во Велес, којшто вработува најмногу луѓе, кој исплаќа најмногу плата, каде што луѓето се осигурани, се исполнуваат обврските навреме, а денеска во ова тешко време тоа само по себе е успех.

 

Колку инвестиравте во развојот на Брако и како се случуваше тој развој?

Беше тешко, особено на почетокот беше исклучително тешко, поради тоа што Брако беше фабрика во стечај, тотално руинирана, со 80–тина стечајни работници на возраст меѓу 50 и 60 години, во која требаше да се развие производство. На почетокот банките нормално не ни веруваа и почетниот раст одеше постепено и со многу повеќе напор. Но, кога дојдоа првите резултати и по неколку години позитивно работење, веќе беше полесно. Добивме финансиско следење од банките, а доверителите и добавувачите почнаа да ни веруваат. Она што сакам да го потенцирам и што за мене е исклучително важно е тоа дека Брако е компанија која навремено си ги исполнува сите обврски, како кон државата, така и кон банките. Брако е една од ретките фирми која во овие 10 години не доцнела ниту еден ден во исполнување на обврските кон банките, и како резултат на добриот банкарски рејтинг во секое време можеме да повлечеме пари за да направиме дополнителна инвестиција, што многу ни помага во развојот. Најголемиот дел од добивката на Брако во изминатите години беше реинвестирана во развојот на фабриката. Оттука, можам да кажам дека во развојот на Брако во изминатите години се инвестирани сигурно повеќе од 10 милиони евра.

Што е досегашниот најголем успех на Брако?

Еден од главните успеси на Брако е што успеа да произведува производи со голема додадена вредност. Тука се, пред сè, медицинскиот мебел и опрема. За медицинскиот мебел видовме дека не можеме добро да го развиваме и продаваме во странство под брендот на Брако и одлучивме дека е добро да се поврземе со некоја поголема групација. Се поврзавме со Ромедики Хендикеа, таа е шведско–норвешка групација која произведува медицински мебел и разни помагала. Брако стана ексклузивен и главен производител и речиси целокупната гама на нивни производи сега се произведуваат во Велес. Голем успех е што по две години работа успеавме да го откупиме целокупниот машински парк од нивната фабрика во Данска и да го пренесеме во Македонија. Така што тие практично ја затворија фабриката во Данска и целокупното производство го пренесоа во Македонија. Притоа ни го доверија и дизајнирањето и развојот, односно целокупниот развој на таа компанија моментално се случува во Македонија, поточно во велешки Брако.

НЕ МОЖЕТЕ ДА НАПРАВИТЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА АКО НЕМАТЕ ГОЛЕМИ СОНИШТА

Кои беа Вашите очекувања на почетокот кога влеговте во Брако и какви се сега проценките, до каде може да оди развојот на Брако?

Не можете да постигнете големи цели ако не сонувате големи соништа. Јас можеби имав малку и семејни предиспозиции да направам нешто повеќе во реалниот бизнис. Уште во времето на поранешна Југославија мојот дедо имаше фабрика за производство, и мојот идеал во животот уште од дете беше да изградам фабрика којашто ќе произведува нешто. И мојата струка машински инженер и професор на Машински факултет е апликативна, односно струка која би требало да се искористи во практиката. Идеја и желба ми беше да направам некаква фабрика без притоа да се оптоварувам колку таа ќе биде голема, колку пари ќе ми донесе... Главната идеја ми беше да ја поставам фабриката да биде функционална. Еве времето покажа по 10 години дека успеавме Брако да ја поставиме да работи како функционална фабрика. Дали јас мислев дека Брако денеска ќе има толку вработени, дека ќе има толку извоз, дека ќе биде толку функционална...? Да бидам искрен, не очекував ни јас тоа да се случи толку брзо и во толкав обем. Нормално дека имав желба и сонував да се случи тоа. Но, работата и екипата којашто го правеше тоа, истрајноста и желбата да се успее ги донесе тие резултати без ние да мислиме и да планираме однапред колкави ќе бидат тие резултати.

Покрај медицинскиот мебел, Брако усвои и други производни програми како телекомуникациска опрема. Малкумина знаат дека еден добар дел од мобилната мрежа на Косово, односно околу 200 базни станици, се целосно дизајнирани и произведени во Брако. Овој бизнис го добивме на тендер на Европската банка за обнова и развој, на кој конкурираа и 17 други европски компании. Како резултат на тоа, Брако изгради доверба да работи за Телеком Австрија груп. До 2015 година сме ексклузивен добавувач на телекомуникациски системи на Телеком Австрија груп во сите земји каде што компанијата има мобилен оператор. Брако оствари повеќе соработки со фабрики коишто се занимаваат со опрема за копање и пренос на земја за кои призведува корпи за ровокопачи. Сега имаме некакви обиди да почнеме соработка со Липкер Швајцарија, претходно работевме со Нино Ди Мартис Австрија. Развивме соработка и со Вип Ап Холандија, фирма за производство на машини, за кои целокупната челична конструкција се произведува во Брако. Најнов проект е соработката со италијанската фирма Био Страда којашто прави специјализирани камиони за урбано чистење. За таа компанија Брако го прави целокупното производство на метални делови, а во преговори сме и целото склопување на камионите да биде доверено на Брако. Значи сите производи од Брако излегуваат како финални производи и се пласираат до крајните потрошувачи. Брако моментално извезува во 19 земји во Европа и во светот. Главно извезуваме во европските земји, но извезуваме и во Јапонија и Америка. Имаме произведено и повеќе специјализирани проекти, транспортни системи за рудници, тутунски комбинати, дел од опремата во малите хидроцентрали е произведена од Брако. Се обидуваме да произведеме колку што може повеќе производи со поголема додадена вредност во кои има вградено повеќе интелектуален труд. Моментално Брако ја водат млади инженери на возраст помеѓу 20 и 30 години, и мислам дека тоа е клучот кој ја води фабриката кон уште поголем успех.

Што значи сега конкретно да се биде извозник од Македонија. Како се поставени институциите кон извозот, дали имате поддршка?

Не можам да зборувам за сите гранки во индустријата. Кога станува збор за металната индустрија тогаш Македонија како држава е премногу мал пазар. Оттука јасно е дека и Брако мора да биде стратешки извозно ориентирана компанија ако сака да расте и да се развива, во спротивно ќе пропадне. Ние не чекавме институциите да ни обезбедат некаква поддршка во продажбата, иако тие се обидуваа. Доаѓаа некои промотори и затоа би било некоректно да кажам дека нема обиди да се помогне, меѓутоа главно се потпираме на сопствените ресурси и самите ги наоѓаме партнерите, сами ги развиваме соработките. Се обидуваме да се докажеме со квалитетот и со почитувањето на динамиката и рокот на испорака, што се најважни критериуми за успех при извоз. Бенефитот од извозот доаѓа ако успеете да остварите соработка која трае со години, ако изградите партнерски однос на доверба со клиентите.

Кои политики и мерки може да го олеснат извозот на металната индустрија?

Мислам дека е добро доколку може да се направи една програма со која на некој начин ќе може да им се помогне на македонските компании кои сакаат и можат да направат аквизиции на компании во регионот со цел да го окрупнат својот потенцијал и да бидат што поконкурентни и што поголеми на пазарот. Конкретно за Брако би било добро да купи уште една фабрика во Хрватска или во Словенија. Значи доколку Владата успее да најде начин да ги поддржи компаниите во таквите активности, компаниите многу похрабро би настапиле во тој дел. Суштината не е во тоа вие да бидете јаки само дома, туку суштината е да успеете да освоите колку што можете поголем дел од туѓиот пазар, а да го задржите својот пазар. За да се освои туѓиот пазар морате да бидете присутни таму, да бидете агресивни, што е компонента која им недостига на македонските компании.

Затоа ако се најде некој начин да им се помогне, мислам дека тоа би го зголемило извозот, што би требало да биде императив за македонската индустрија и целата економија. Вториот момент каде што можат институциите на системот да помогнат е во побрзо ослободување на готовите парични средства. Изворно ориентираните компании се оние кои чекаат поврат на најмногу ДДВ од државата, бидејќи кога увезувате мора да платите ДДВ, кога извезувате не можете да го повратите толку брзо. Па така извозно ориентираните компании по дефиниција се побарувачи на ДДВ. Доколку се враќа побрзо ќе им се обезбедат поголеми средства на извозните компании за развој. Средствата кои веќе ги имаат во банките ќе нема потреба да се држат како обртни средства, туку ќе може да се користат за инвестици во нови технологии и во проширување на капацитетите. Мислам дека тие две мерки се суштински. Инаку кога нам како стопанственици не ни оди работата, не можеме да се жалиме и да чекаме некој од државата да дојде и да ни го организира работењето во компанијата или да ни ги решава финансиските проблеми.

УСПЕХ Е ДА НАПРАВИТЕ ДОБАР ТИМ.

Што е според Вас клучно за да се успее во бизнисот?

Мое видување е дека ако сакате да направите големи работи треба да имате големи соништа и не треба да се плашите дека тоа е нешто неостварливо. Сè е остварливо, само треба да имате визија што сакате да направите и, нормално, да знаете како да го направите. Треба да умеете да се опкружите со луѓе коишто ќе ви помогнат тоа да го направите, бидејќи сам ништо не можете да направите. Треба да имате цел, да имате желба, да не ве мрзи да го направите тоа и да имате екипа која ќе ви помогне да го направите тоа. Ете тие се клучните фактори за успех.

Дали имате проблеми во соработката со банките?

Јас немам никакви проблеми во соработката со банките. Баш напротив, секогаш имам отворена врата да повлечам средства колку што ми треба и колку што можам.

Дали држи тезата на банкарите дека сега е најголема конкуренцијата меѓу банките за добрите компании?

Држи. Банките сакаат тие средства што ги имаат да ги пласираат во сигурни клиенти. А сигурни клиенти се оние кои имаат сигурен бизнис и сигурно портфолио. Такви нема многу, а банките сакаат да соработуваат со тие клиенти.

Вие сте влезени и во бизнисот со малите хидроелектрани? Што Ви е целта во овој бизнис и зошто токму производство на струја?

Електраните се работа којашто претставува втора дејност од техничката област со којашто јас се занимавам. Гледате дека не одам во проекти што се надвор од мојата струка и дека сè со што се занимавам главно е инженерство и техника. Втора област во којашто почнавме да се развиваме се малите електрани или пошироко обновливите извори на енергија. Уште од моментите кога почна да се дискутира за малите електрани ние формиравме екипа која ги истражуваше локациите што беа понудени. Во малите хидроелектрани, само зборот мали е мал, бидејќи не се мали ниту како објекти, ниту се мали како инвестиција, а не се мали ни по значење, така како што некој сака да каже. Една мала хидроелектрана којашто има инсталирана снага од 500 киловати чини повеќе од еден милион и двеста илјади евра, а оние со снага од 15 мегавати чинат 30 милиони евра. Тоа како проект навистина не е мал. Значи Фероинвест, фирмата која истовремено е сопственик и на 50% од Брако е 100% сопственик и на 7 електрани, а во останатите 15 електрани е партнер со Гранит 50%󈞞% сопственост. Од одобрените 64 концесии во Македонија, Фероинвест има сопственост во 9 електрани.

Која е иднината и потенцијалите на овој бизнис?

Потенцијалите се географски предодредени, колку што има вода една земја, толку хидроелектрани можат да се изградат. Мене ми е жал што останатите компании многу споро ги градат тие хидроелектрани. Фероинвест, заедно со Гранит, ги изградија хидроелектраните, што е резултат на долготрајна работа. Формиравме сопствено проектантско биро, сопствен мониторинг–центар, формиравме сопствена екипа за имплементација. Значи морате да ангажирате сериозни ресурси ако сакате успешно да го завршите проектот хидроелектрана. Ако некој мисли дека тоа ќе го направи со човек–фирма и со фирма којашто ќе бара аутсорсинг за сè, тоа ќе оди бавно или никогаш нема да се реализира. Во енергетиката морате да обезбедите финансиско следење и не постои друго освен проектно финансирање. Ние обезбедивме проектно финансирање од Шпаркасе Австрија и од ЕБРД. Од друга страна, морате да бидете подготвени хидроелктраните градежно да ги изградите. Поради тоа е и партнерството со Гранит, бидејќи градењето на елекраните е тешко, се одвива во планински предели, со многу минирање, во тешки услови на градба... Секоја електрана е дизајн за себе и не можете да ископирате електрана. Мора да се пристапи аналитички и систематично кон проектирањето и изведбата на секоја елктрана. Ако не се реализира сè како што треба, електраната нема да произведува струја и затоа тука не смее да има импровизации. Сите оние кои мислат дека малите хидроелектрани се бизнис од кој некој може преку ноќ да се збогати се лажат. Во енергетиката проектите коишто се враќаат за 8 до 10 години се сметаат за добри проекти. Тоа не е трговија, денес купувате, утре продавате и парите се тука.

Дали планирате да влегувате во некој нов бизнис?

Не планирам да влегувам во нови бизниси и области кои се надвор од инженерството. Но, во овие постојаниве планирам да инвестирам. Тоа е, пред сè, во делот на Брако. Мојата амбиција е да имаме колку што е можно повеќе нови производи, тоа да бидат финални производи коишто ќе имаат што е можно поголема додадена вредност и вклучен интелектуален труд на инженерите. Мислам дека кон тоа добро се движиме. Што се однесува до електраните, без разлика дали ќе инвестираме во наши нови електрани, нашата цел е знаењето коешто го стекнавме со градењето на нашите девет електрани досега, од вкупно 15 планирани електрани, да го споделиме и со останите компании. Тоа значи да им понудиме проекти клуч на рака, односно да ги направиме електраните за нив. Амбиција ни е да земеме еден дел од балканскиот пазар и таму да бидеме присутни првично како компанија која ќе проектира хидроелктрани, а потоа да работиме и по принципот клуч на рака и да гарантираме пред банките.

На што посебно се гордеете во бизнисот?

Градењето на хидроелектраните за мене е посебна гордост, бидејки тоа е пионерски потег во нашата држава и бидејќи станува збор за исклучително важни и сложени проекти. Ние покажавме дека можеме да ги реализираме, да ги изградиме на време и тие да бидат функционални. Во делот на производството на Брако посебно сум горд што успеавме од една фабрика што беше руина и во која никој не веруваше, да изградиме фабрика која ќе биде меѓу најголемите извозници во Македонија. Гордост ни е што едно такво индустриско грдо пајче денеска е најдобар индустриски капацитет во Велес, којшто вработува најмногу луѓе, којшто исплаќа најмногу плата, каде што луѓето се осигурани, се исполнуваат обврските на време, а денеска во ова тешко време тоа само по себе е успех. Сакам да потенцирам дека еден човек може да има визија, но сам ништо не може да направи. Мора да има околу себе тим и сакам да ја искористам оваа можност на сите соработници да им се заблагодарам и да им го честитам заедничкиот успех.

Колку е лесно да се усгласи бизнисот со приватниот живот?

Цената што еден човек ја плаќа со ваква динамика на живеење е приватниот живот. Тој е сведен на минимум, на некакви не многу долги одмори, на дружење со пријатели кога имате време, кое е сè помалку. Не можете да работите толку долго ако тоа не ви претставува задоволство. На некој начин работењето ви станува живот.

Дали би сакале Вашите деца да ве наследат во бизнисот и која е најважната лекција која сакате тие да ја научат?

Имам два сина едниот има 15, другиот 11 години. Главната порака која им ја кажувам е да не се лажат со каква било благосостојба, поради тоа што не е само суштината да уживате во благосостојбата. Во самото создавање и градење има поголемо задоволство. Не е задоволство да го потрошите тоа што сте го створиле или некој друг го створил. Ако успеам да им го пренесам мојот нагон и желба за создавање и градење, тогаш мислам дека сум успеал од нив да направам добри личности, без разлика со што ќе се занимаваат. Јас ќе ги поддржам во која било област и нема да имаат никаква обврска, ниту притисок од мене дека мора да го работат ова што јас го работам.

НАЈДЕТЕ НЕ НА КАРТАТА

ДПТУ БРАКО ДОО - Раштански Пат бр.2, Велес
тел.: 043212560, факс: 043232534
office@brako.com.mk